Линкови за пристапност

Отворање на Уставот како услов за коалицирање, кој е за а кој е против?


ВМРО – ДПМНЕ порача дека не прифаќа уцени за уставни измени. „Вреди“ со помек став околу приоритетот за внесување на Бугарите во Уставот. „ЗНАМ“ бара гаранции дека нема тајни преговори со експремиерот Зоран Заев. ДУИ бара победник со победник за коалицирање.

СКОПЈЕ – Кој со кого и под кои услови би коалицирале во идната Влада се пазарите и математиките меѓу партиите во изминатите неколку дена. Отворањето на Уставот за внесување на Бугарите се наметна како клучна тема во преговорите за евентуалната коалиција доколку ВМРО – ДПМНЕ победи на претстојните парламентарни избори. Мицкоски е дециден уцени и закани околу уставни измени нема да прифати а неговиот „прв пик“ за коалицирање – Коалицијата „Вреди“ го омекнува ставот и од „приоритет“ уставните измени станаа срамежливо „што е можно побрзо“. Заедничко за нив е што во моментот фокусот го ставаат на кампањата и освојување на што е можно повеќе пратенички мандати а разговорите и преговорите ги оставаат во втор план и по 8 мај. Вториот посакуван коалициски партнер на опозицијата – „ЗНАМ“ денес испорача услов до ВМРО – ДПМНЕ за коалицирање а тоа е запирање на тајни преговори со експремиерот Зоран Заев.

Меџити е дециден дека Коалицијата „Вреди“ ќе биде дел од проевропска Влада. За уставните измени без прецизен одговор кога би барале Уставот да се отвори и дали внесувањето на Бугарите ќе биде единствена измена.

„Ние и порано и сега велиме дека сме заинтересирани да придонесеме или да бидеме фактор за Влада која ќе биде европски ориентирана и кон НАТО. За нас тоа е приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата и нашата програма, контактите со граѓаните … Кога ќе седнеме овие ставови ќе ги разговараме на маса. Нашиот став е јас и нема дилеми кој е ставот на „вреди“ за евроинтеграциите“, изјави Меџити.

Уцени за коалицирање со отворање на Уставот нема да се прифатат, а разговори ќе има по изборите е пораката која денес ја испрати Мицкоски до Коалицијата „Вреди“

„Сега остануваме фокусирани на резултатот во вториот круг на претседателки избори и на парламентарните избори. Ставот на ВМРО – ДПМНЕ и мој личен е дека не функционирам на основа на уцени и закани така што нека завршат изборите па ќе дискутираме“, изјави Мицкоски.

Претседателот на „ЗНАМ“, Максим Димитриевски, кажа дека измени под т.н. „бугарски диктат“ и никаква соработка со ДУИ се заеднички ставови кои ЗНАМ први го соопштиле но дилемата е околу тајна соработка со експремиерот Заев и неговите кандидати на листите за пратеници во СДСМ за обезбедување евентуално двотретинско мнозинство.

„Барам да потврдите дека не е точно дека дел од раководството на ВМРО – ДПМНЕ заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев преку неговите фикс кандидати за пратеници како Венко Филипче за обезбедување на двотретинско мнозинство во идниот Собраниски состав. Доколку тоа постои тоа имплицира дека селективна правда ќе има и во идната Влада како што беше и досега. Доколку немате таков став најдобро е самите да си продолжите и јавно да соработувате а ние ќе продолжиме со народот“, рече Максим Димитриевски, претседател на „ЗНАМ“.

ДУИ останува цврсто на ставот дека мајскиот договор, односно коалицирање победник со победник, мора да се испочитува и да се примени и по овие избори бидејќи тој е основата на консензуалната демократија а сè останато според ДУИ е политичка авантура која може да повлече реперкусии.

„Ние сме консензуална демократија и како такви ќе продолжиме така да функционираме. Никако поинаку. Секоја политичка авантура ќе биде ризична за европската иднина на оваа држава и сите политички околности кои ќе се случуваат по 8 мај. Бидете сигурни дека нема да се формира владејачка гарнитура без пратениците на „Европскиот фронт“ кои се вистинските претставници на албанскиот, турскиот, ромски и бошњачкиот народ. Победник со победник е начелото на консензуалната демократија. Целиот политички капитал создаван со години не може да го негира Христијан Мицкоски“, кажа Наим Бајрами, кандидат за пратеник Коалиција „Европски фронт“.

Мицкоски пак дециден дека ДУИ ќе оди во опозиција по изборите на 8 мај и дека ВМРО – ДПМНЕ никогаш нема да коалицира со нив бидејќи немаат доверба.

XS
SM
MD
LG